АНИМИРАНИОТ ФИЛМ „МОАНА“ ЌЕ ДОБИЕ ПРОДОЛЖЕНИЕ ОВАА ГОДИНА

Лос Анџелес, (АП)

„Дизни“ ја изненади јавноста со објавата дека ќе има втор дел на популарниот анимиран мјузикл „Моана“, кој ќе дојде во кината на 27 ноември оваа година. Извршниот директор на „Дизни“, Боб Ајгер, кажа дека „Моана 2“ првично бил развиван како ТВ-серија.

„Бевме импресионирани од она што го видовме и знаевме дека заслужува киноприкажување“, изјави Ајгер.

Дејството на „Моана“ се случува во Полинезија, каде што насловната хероина тргнува на патување преку океанот заедно со полубогот Мауи со цел да го спаси својот народ. Филмот беше голем успех, заработи 643 милиони долари низ светот и доби две номинации за Оскар во 2017.

Следната година треба да излезе и играна верзија на „Моана“, во која Двејн Џонсон ќе ја повтори улогата на Мауи. Засега не е познато кој ќе ја глуми Моана, но Аули Краваљо, која го позајми гласот во анимираниот филм, потврди дека нема да учествува.

(Фото: Дизни)