Милиони луѓе низ светот денеска ја слават Лунарната нова година, кога во Кина почнува 15-дневниот Пролетен фестивал. А, според кинескиот календар, денеска настапува и Годината на змејот.
Змејот е единственото животно во кинескиот зодијак кое е митолошко суштество. Во кинеската култура, змејот симболизира среќа, сила и моќ. Тие исто ги контролираат времето и водата.
Оние кои се суеверни одат дотаму што се обидуваат да добијат бебе во Годината на змејот, верувајќи дека змејовите се предодредени за величина и среќа.
Според Лора Лау, коавторката на книгата „Прирачник за кинеските хороскопи“, особините на змејот вклучуваат креативност, моќ и харизма.
„Тие се самоуверени, па имаат его. Тие се енергични и избувливи по природа“, вели Лау.
Годината на змејот доаѓа по Годината на зајакот, кој е дипломат и миротворец.
„Наспроти зајакот, змејот е многу јасен и со него знаете на што сте. Тие се како отворена книга. Брзи се и нема да одолговлекуваат многу“, вели Лау.
Секоја година има и свој елемент, па ова е годината на дрвен змеј и Лау додава дека дрвото го ублажува змејот.
(Фото: Гети)