Хрватскиот канатавтор Златан Стипишиќ- Џибони ја наполни салата „Јане Сандански“ во Скопје на концертот сношти (17 февруари).
Џибони е миленик на скопската публика долги години, уште од 2001, кога за првпат во живо на некогашниот Скопски саем, го испеа хитот „Либар”. Истата песна, публиката како хор ја пее и денес, а сношти на концертот ја збогати гостувањето на Влатко Стефановски.
Македонскиот гитарист свиреше на добар дел од концертот на неговиот пријател од Сплит, а Џибони од почит клекна на колена пред него.
Стефановски, со бендот на Џибони ја испеа и неофицијалната македонска љубовна химна „Чукни во дрво”, заедно со публиката.
„Добри луѓе, има посебна поврзаност меѓу нас, од старт би сакал да се договориме да пееме заедно”, кажа хрватскиот рокер.
Со својата енергија на сцената, добриот бенд, квалитетните придружни вокали, Џибони успеа на Скопје да му донесе уште убава ноќ, и концерт од кој сите си заминаа среќни.
Го организираше „Авалон” продукција.
М. ЏАРОВСКА
Фото: В. Тануровски