Издавачката куќа „Литература.мк“ и радиото „Џез ФМ“ го најавија почетокот на новиот заеднички проект насловен „Читаме џез“. Во рамките на овој концепт, секој петок ќе се одржуваат џез свирки во „Кафе Литература“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје.
Свирките ќе почнуваат во 21 часот и ќе бидат од отворен карактер. Првиот настан е вечерва (23 февруари), кога ќе настапи џез квартет во состав Џијан Емин, Гоце Стевковски, Кирил Кузманов и Оливер Јосифовски.
„Сакаме на овој начин да охрабриме и помлади музичари да се промовираат кај нас и да придонесеме за растењето на сцената. Двапати во месецот, Џијан ќе претставува различни концепти“, изјави Стефана Марковиќ, главната и одговорна уредничка на „Џез ФМ“.
Популарниот композитор и диригент секој втор петок ќе биде во улога на своевиден домаќин на вечерта.
„И порано сме се обидувале да правиме вакво нешто во најразлични простори, но секогаш е комплицирано како да функционира тоа. Се надевам дека овдека ќе успееме да направиме еден убав циклус на супер настани, на кои ќе продефилираат музичари од најразлични жанрови“, рече Емин.
Г. КОНЕВ