„Рено сеник Е-тек“ ја освои престижната титула Европски автомобил на годината, победувајќи модели на „БМВ“ и „Пежо“. Името на победникот беше објавено на Автосаемот во Женава, кој се одржува за првпат од 2019.
Францускиот електричен СУВ освои 329 поени во гласањето на 59 новинари од 22 европски држави, додека „БМВ серија 5“ и „пежо 308“ завршија на второто, односно на третото место. Според дадените гласови, „сеник“ бил фаворит во Турција, Унгарија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Холандија, Италија, Луксембург и Белгија.
„Рено сеник Е-тек“ веќе е прогласен за сериозен конкурент на моделот „Y“ на „Тесла“, како во цената, така и во опсегот. Неговата почетна цена во Франција е 39.990 евра.