Сега е и официјално: Фејсбук е за постари луѓе. Според едно истражување, тинејџери и адолесценти полека ја напуштаат оваа социјална мрежа, додека, истовремено, таа станува сѐ попопуларна кај луѓе над 55 години.
Оваа година, 2,2 милиони Британци на возраст од 12 до 17 години, како и 4,5 милиони на возраст од 18 до 24 години редовно ќе го користат Фејсбук, што е за 700.000 помалку во однос на лани, бидејќи младите сѐ повеќе се префрлуваат на социјални мрежи како Снепчет, покажа истражувањето на компанијата „И-маркетир“.
Истовремено, оние над 55 години стануваат втората најголема група корисници на Фејсбук.
„Фејсбук има тинејџерски проблем. Последните истражувања покажуваат дека ова не е само теорија. Досега, Фејсбук успеваше да ги задржи младите благодарение на алтернативни платформи како Инстаграм, но водечката социјална мрежа меѓу нив сега е Снепчет“, вели аналитичарот на „И-маркетир“, Бил Фишер.
Според него, користењето на Снепчет во последните три години се зголемило во Британија за цели 43%.