Многу познати двојки кои се запознале и вљубиле преку спортот се поддржуваат еден со друг на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.
Германскиот нордиски скијач Фабијан Рисел и крос-кантри скијачката Сандра Рингвалд се среќни што за првпат заедно се натпреваруваат на Олимпијада. Тие не се сместени заедно, таа е во Олимпиското село, а тој блиску до локациите за натпреварување.
„Ќе се обидам да го гледам настапот на Сандра“, кажа Рисел.
Германските биатлонци Симон Шемп и Франциска Пројс се двојка речиси две години. Тие за нивната врска не зборуваат јавно, немаат заеднички интервјуа и за нив нема ништо во таблоидите. Сепак, тие постојано се мотивираат еден со друг, особено откако и двајцата доживеаја тешки моменти во кариерата.
„Симон навистина ме поддржува, бидејќи знае како е кога работите не одат баш најдобро. Добро е што е тука“, кажа Пројс.
Една од најпознатите двојки во зимските спортови се Оле Ејнер Бјерндален и Дарја Домрачева, кои стапија во брак во 2016 година и имаат ќерка Ксенија. Норвежанецот е еден од најуспешните олимпијци на сите времиња, но во Пјонгчанг дојде само за да ја поддржи својата сопруга, која е од Белорусија. Таа е трикратен олимписки шампион и национален херој. Овојпат, дури и големиот Бјерндален е во нејзина сенка.
„Тој е прекрасен татко и многу ме поддржува“, вели Домрачева.
Германската лизгачка Клаудија Пекштајн вели дека Матијас Грос на нејзините натпревари присуствува и како партнер, но и како мотиватор.
„Потребен ми е Матијас да биде со мене и мило ми е што Германскиот олимписки комитет го акредитираше“, кажа најуспешната германска олимпијка.
И меѓу алпските скијачи има љубовни двојки. Американската скијачка ѕвезда Микаела Шифрин е во врска со Французинот Метју Фавр. Германецот Јоханес Хепфл е среќен што на Игрите може да биде заедно со неговата девојка Рамона Хофмајстер, која, исто така, е снобордер. Руските репрезентативци во карлинг Анастазија Бризгалова и Александер Крушелницки стапија во брак лани и не гледаат проблем што настапуваат заедно во мешани двојки.
Спротивно на нив, норвешката карлинг двојка Кристин Скаслиен и Магнус Недреготен признаа дека се шегуваат еден со друг додека играат, дури и дека биле на терапија за нивната врска.
„Можеме да имаме и голема кавга додека сме на мразот, што води до многу дискусии подоцна. Еднаш во таков случај Маркус дури играше на погрешна боја. Ние бевме црвени, а тој се збуни и мислеше дека сме жолти“, вели Скаслиен.