СОПРУГАТА НА ДАНИЕЛ КРЕГ, РЕЈЧЕЛ ВАЈС, НЕ САКА СЛЕДНИОТ БОНД ДА БИДЕ ЖЕНА

Лондон, (Индипендент)

Актерката Рејчел Вајс, сопруга на Даниел Крег, кој по петти пат ќе го глуми агентот Џејмс Бонд, е против тоа следниот Бонд да биде жена.

Вајс во интервјуто за „Телеграф“ вели дека жените треба да имаат сопствени приказни, нагласувајќи ја важноста од создавање конкретни улоги за жените.

„Флеминг посвети огромно време за пишување на овој лик, кој е исклучително машки и се однесува на одреден начин кон жените. Зошто да не креирате сопствена приказна, наместо да се споредувате со веќе измислени машки ликови? Жените се навистина фасцинантни и интересни и треба да ги добијат своите приказни”, изјави таа.

Неодамна, британскиот актер Идрис Елба сугерираше дека следниот агент 007 треба да биде жена.

Потврдено е дека Крег ќе се врати за уште една авантура на Бонд, и покрај заминувањето на режисерот на „Скајфол“ и на „Спектра“, Сем Мендес. Се шпекулира дека новиот филм би можел да го режира Кристофер Нолан.

Продуцентката Барбара Броколи изјави дека е решена Адел да сними уште една песна за Бонд, по „Скајфол“, која доби Оскар. Медиумите објавија дека новиот филм би можел да се снима во Хрватска, а се очекува да биде готов во ноември 2019 година.