ПРЕДИЗВИК Е ДА СЕ ПОТТИКНАТ ДЕЦАТА ДА ЧИТААТ ВО ВРЕМЕ КОГА И САМИТЕ РОДИТЕЛИ НЕ ЧИТААТ, ВЕЛАТ ОД ФОНДАЦИЈАТА „ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се одржа трибина насловена „Како да се поттикне и поддржи читателскиот интерес кај децата и младите“, организирана во соработка со Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“. Целта на иницијативата е да се поттикне љубовта кон читањето кај децата, што е особен предизвик во услови кога и самите родители не читаат, велат организаторите на трибината.

Фондацијата ќе започне со креирање јавно достапни и бесплатни ресурси составени од аудиоснимки од извадоци од книги за деца и статии во врска со читањето и неговата важност за развојот на младите. Овие ресурси се наменети, пред сè, за родителите, но и за наставниците по македонски јазик, одделенските и класните раководители и за раководителите на литературните, драмските и библиотекарските секции во основните училишта. Во проектот ќе бидат вклучени библиотеки и издавачки куќи, кои ќе доставуваат предлози за читање извадоци од книги, како и студенти на Факултетот за драмски уметности, глумци, искусни говорници и психолози.

„Наместо да чекаме други да ни ги решат проблемите, време е да преземеме не само одговорност, туку и конкретни, решителни чекори, вклучувајќи се заедно во решавањето на еден од најголемите проблеми во нашето општество“ изјави Александар Марјановиќ, син на професорот Марјановиќ.