Европскиот Ејч-Би-О даде зелено светло за снимање на оригинална серија од шест епизоди, за којашто сценарио напиша македонскиот автор Марјан Алчевски, а ќе ја режира оскаровецот Данис Тановиќ.
Дејството на серијата наречена „Успех“ е сместено во Загреб и ќе следи приказна за четворица странци, кои ги спојува еден насилен настан.
„Веќе подолго време добивам материјали и понуди за снимање серии, за кои мислам дека во овој момент се поиновативни и поинтересни од играни филмови, но ниедна досега вака не ме заинтригирала. Сценариото на Марјан Алчевски е извонредно напишано и се радувам што Ејч-Би-О го препозна квалитетот и ни понуди соработка“, изјави Тановиќ, чиј филмски првенец „Ничија земја“ беше награден со Оскар за најдобар странски филм во 2002 година.
Сценариото на Алчевски доби пофалби и од челниците на европскиот Ејч-Би-О.
„Воодушевени сме што откривме така брилјантен млад писател како Марјан и што можеме на него и на Данис да им посакаме добредојде во ‘Ејч-Би-О Јуроп‘. Тоа ќе биде наша прва оригинална серија за регионот Адрија“, кажа извршниот потпретседател на програмата и продукцијата на „Ејч-Би-О Јуроп“, Ентони Рут.
Алчевски, кој веќе долги години живее во Загреб, на овој начин ќе го реализира проектот со кој беше еден од победниците на конкурсот „Прв избор“ на „Ејч-Би-О Јуроп“. Неговиот прв значаен меѓународен успех беше сценариото за документарниот филм „Плати и жени“ од 2009 година, во режија на Атанас Георгиев.