50 ГОДИНИ „СЕКОГАШ ЌЕ ТЕ САКАМ“ – ДОЛИ ПАРТОН ЈА НАПИШАЛА ВО ИСТО ПОПЛАДНЕ СО „ЏОЛИН“, А МЕСТО ЕЛВИС, ПЕСНАТА ЈА ПРОСЛАВИ ВИТНИ ХЈУСТОН

САД, (Би-Би-Си)

Ако мислите дека имате продуктивен ден, сетете се на Доли Партон. Пред 50 години, легендата на кантри музиката во едно попладне напишала две песни кои ќе станат безвременски класици: првата е „Џолин“ (Jolene), која ја обележа нејзината кариера, а другата е „Секогаш ќе те сакам“ (I Will Always Love You), која 20-ина години подоцна ја прослави Витни Хјустон.

Оваа недела се одбележуваат половина век од објавувањето на втората песна, нежна балада, за која малкумина знаат дека е напишана од Партон. Песната стана вистински хит дури откако Витни Хјустон ја препеа во 1992 за филмот „Телохранител“.

„Таа песна секогаш ќе има посебно место во моето срце“, напиша Партон на Инстаграм.

По преселбата од Тенеси во Нешвил во 1964, Партон тешко се пробивала како пејачка и текстописец, сѐ додека не снимила дует со пејачот Бил Филипс. Тоа бил вовед во плодната музичка соработка со кантри ѕвездата Портер Вагонер, а првиот топ-10 хит го имала во 1968.

Но, како што кажа подоцна, Партон дошла во Нешвил за да стане соло ѕвезда.

„Откако му ја соопштив веста на Вагонер, седнав и ја напишав таа песна. Така е родена ‘Секогаш ќе те сакам‘, ода за срдечна благодарност. Следното утро му ја оствирев на Вагонер во неговата канцеларија. Низ солзи ми кажа дека тоа е најдобрата песна што некогаш сум ја напишала“, кажа Партон.

И „Џолин“ и „Секогаш ќе те сакам“, напишани во иста сесија, беа број еден на топ-листата на кантри синглови, а пред Хјустон, Елвис Присли изразил желба да ја обработи баладата. Иако вели дека била многу почестена и во прв момент се согласила, обработката не била снимена зашто Партон го одбила барањето на менаџерот на Присли да му предаде половина од авторските права за песната.

Песната доби нов живот дури во 1992, кога Витни Хјустон ја сними за саундтракот за нејзиното филмско деби „Телохранител“, и тоа на предлог на Кевин Костнер. Верзијата на Хјустон стана огромен хит: десет недели беше број еден во Велика Британија, 14 во САД, беше најпродаваниот сингл на годината и освои Греми.

Партон наводно заработила над 10 милиони долари од тантиеми само во 1990-тите. Што се однесува до Присли, Партон своевремено кажа дека од песната заработила доволно за да го купи неговиот имот Грејсленд неколкупати. Место тоа, таа инвестираше дел од овие пари во сиромашна населба во Нешвил во чест на Хјустон.