ДОСЕГА НЕПОЗНАТА ПРОЗА ОД АЦО ШОПОВ СОБРАНА ВО КНИГА, ПРОМОЦИЈАТА Е НА 19 МАРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Kнигата на Ацо Шопов „Автопортрет со седум прсти“, издание на „Антолог“, ќе биде промовирана на 19 март од 19 часот во „Лабораториум“ во Скопје (старата печатница на „Нова Македонија“).

„Сите го знаеме Шопов како суптилен лиричар, но кој го знае како есеист и беседник со изострен слух за литературата и уметноста, како толкувач на општествените текови и драми, како остар полемичар, ангажиран општественик, издавач и интелектуален работник? Ете, тој Шопов ќе го откриете, преку неговото перо, во неговата ‘Автопортрет со седум прсти’, книга во која за првпат се собрани непознати прозни текстови од македонскиот поет“, вели издавачот.

Текстовите на Шопов ќе ги интерпретира актерот Никола Ристановски. Промотор е Владимир Мартиновски, а ќе говори и неговата ќерка Јасмина Шопова.

Промоцијата ја организира фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во соработка со „Антолог“.