НАЈМНОГУ САКАМ ДА СЕ ДРУЖАМ СО КАЛИОПИ КОГА ЌЕ ДОЈДАМ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ АКТЕРОТ МИМА КАРАЏИЌ НА ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТ „ЈОРГОВАНИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Црногорскиот актер Мима Караџиќ, младата српска актерка Јана Бјелица и режисерот Синиша Цветиќ сношти беа во Скопје на премиерата на новиот филм „Јорговани“. Во филмот, по 15 години повторно филмска двојка се Слобода Миќаловиќ и Иван Босиљчиќ, кои заедно играа во сериите „Ранетиот орел“ и „Непобедливо срце“. Тие не дојдоа на скопската премиера на филмот, за кој киното Синеплекс објави дека биле продадени 1.600 билети и се одржаа 11 проекции во еден ден.

„Скопје ги има најдобрите кафеани на светот“, рече Мима Караџиќ на крајот од проекцијата.

Во филмот кој е пародија на српската хиперпродукција на снимањето серии, тој го глуми продуцентот на серија која добива награда. Босиљчиќ и Миќаловиќ се шегуваат во филмот со самите себе, споменувајќи ги ликовите од романтичните серии во кои глумеа.

„Синиша е млад режисер, апсолвент на Факултетот за драмски уметности и со него соработката ми беше многу интересна. Не се работи за неговата младост и моето искуство, туку за самиот филм, кој е доста интересен. Има тука некој цинизам кој го има во нашето општество и во нашата работа, а го препознаваат сите луѓе. Тој цинизам го има во текот на целиот филм и со самото тоа, Синиша успеа да направи многу забавен филм. Луѓето сакаат да гледаат забава. Ние не сме публика која ќе има милион гледачи како ‘Опенхајмер‘. Повеќепати имам доаѓано во Скопје за театарски претстави, имавме полни сали и мене ми беше прекрасно. Скопје има театарска публика и со самото тоа има и филмска публика. Дојдовме вечерва да се поклониме пред неа и да ја слушнеме реакцијата на публиката. Поважно ми е да ја слушнам публиката отколку себеси, затоа што јас за себе имам најдобро мислење“, ни кажа Караџиќ низ насмевка.

Црногорскиот актер Мима Караџиќ, младата српска актерка Јана Бјелица и режисерот Синиша Цветиќ беа во Скопје на премиерата на новиот филм „Јорговани“. (Фото: Синеплекс)

За младата актерка Јана Бјелица, тој вели дека луѓето ќе ја засакаат.

„Таа е многу поубава и од Иван Босиљчиќ и од Слобода Миќаловиќ“, рече на шега црногорскиот актер.

Тој е добар пријател со Калиопи и често се среќааат во Белград и Скопје.

„Калиопи е личност која не може да не ја сакате. Секоја моја средба со неа е полна со прегратки и прекрасно дружење. Таа е 24 часа насмеана, барем кога е со мене, таа е моја душа. Долги години се знаеме“, рече Караџиќ.

За режисерот Синиша Цветиќ, овој филм има многу изненадувања.

„Тоа е затоа што ангажирав актери кои се веќе познати од серии како ‘Ранетиот орел’ и ги прикажав во сосема ново руво. А, луѓето не го очекуваат тоа, така што некои можат да бидат позитивно изненадени, некои негативно. Тоа беше идејата, да направиме еден експеримент кој ќе биде хит во кината. Така луѓето имаат за што да зборуваат и повеќе одат во кино“, ни рече режисерот.

„Оваа улога ми е драга и важна, особено затоа што Синиша и сценаристот Давид Јаковљевиќ се обидоа да раскажат како тие го гледат овој наш свет генерално. Тоа и мене ми остави простор да дадам свој коментар како гледам на тие работи. Оваа улога ми го овозможи тоа од блиска перспектива“, вели Бјелица, која во филмот ја игра актерката со која Босиљчиќ ја изневерува Миќаловиќ.

М. ЏАРОВСКА