НАСТАВНИЧКИ ОД СКОПЈЕ БЕЗ ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА ЈА РЕИЗДАДОА КНИГАТА „ДНЕВНИКОТ НА СТРАШО“ ОД 1976

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Наставничките Розета Дулевска и Анета Ѓорѓиевска од скопското основно училиште „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров, ентузијастички ја реиздадоа книгата „Дневникот на Страшо“, која за првпат излезе во 1976. Книгата ја напишал самиот народен херој, а Дулевска и Ангеловска ја реиздале со оригинални фотографии од Страшо Пинџур кои им ги позајмила неговата тетка Магдалена Петреска.

„Како форма, ‘Дневникот на Страшо’ e налик на ‘Дневникот на Ана Франк’, а содржи датуми од животот на Пинџур, од неговата младост. Главната причина за реиздавање на ‘Дневникот’ е што во училишната библиотека имавме само една книга и сакавме да го зголемиме бројот. Затоа и работевме под мотото ‘Од една до сто и една’ и успеавме да испечатиме 101 книга“, велат Дулевска и Ѓорѓиевска, кои книгата ја користат на нивните часови, кога според наставните програми ги обработуваат формата на дневникот и неговата структура.

Главната причина за реиздавање на „Дневникот“ е што во училишната библиотека имавме само една книга и сакавме да го зголемиме бројот, вели наставничката Анета Ѓорѓиевска

„Уште побитно за нас е што оваа книга е извор на цитати кои ги користиме при чествување на нашиот патрон. Учениците со нетрпение го дочекаа ова издание и сакаат да го читаат бидејќи е за раната младост на авторот и опфаќа многу поучни мисли за животот, татковината и за љубовта. И со збогатувањето на фондот во библиотеката, во исто време можат да ја читаат повеќе ученици“, велат наставничките, кои книгата ја издале без помош од ниту една институција.

Учениците ид „Страшо пинџур“ со наставничката Розета Дулевска

Печатењето на книгата е финансирано од, како што велат, општествено одговорна компанија, а Дулевска и Ѓорѓиевска се уредници и издавачи. Книгата не е за продажба поради немање доволно финансии да испечатат повеќе примероци и засега се користи само во училишната библиотека. Технични уредник на книгата е Никола Сарафимов, студент на ФИНКИ.

М. ЏАРОВСКА