На 22 март во 13 часот во Уметничката галерија Безистен во Штип ќе се отвори изложбата на Зимскиот салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на тема „Интимност и интерконекција“. Изложбата претходно беше отворена во Скопје, а поставката во Чифте амам траеше од 22 февруари до 10 март.
„Учеството и интересот на уметниците членови на ДЛУМ за Зимскиот салон отсекогаш биле големи и предизвикувачки. Пристапот при селекцијата на делата од страна на кураторите оваа биенална изложба ја прави сè поатрактивна од ликовен аспект. Експериментирајќи со сите медиуми на изразување, Зимскиот салон е значаен токму поради тенденцијата, како на кураторите така и на уметниците учесници, да креираат современи и концептуални ликовни формати. Годинашната кураторка Оксана Карповец од Украина, која денес живее и работи во Париз, Република Франција, на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи многу актуелна и провокативна тема која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации“, вели претседателката на ДЛУМ Јана Манева-Чупоска.
Уметницата Тања Балаќ ја доби Гран-при наградата на Зимскиот салон. Балаќ е наградена за видеото „Следна генерација“( Next Generation). Наградата е престој во ателјето на „Сите дез арт“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура.
Фото: Од отворањето на изложбата во Чифте амам (ДЛУМ)