МАРИХУАНАТА ЌЕ СТАНЕ ЛЕГАЛНА ВО ГЕРМАНИЈА НА 1 АПРИЛ ОТКАКО ЗАКОНОТ ЈА ПОМИНА И ПОСЛЕДНАТА ПРЕЧКА

Берлин, (Политико)

Поседувањето и одгледувањето канабис во домашни услови ќе стане декриминализирано во Германија на 1 април откако законот ја помина и последната пречка и беше усвоен во Бундесрат, телото кое ги претставува сојузните покраини.

Сите граѓани постари од 18 години ќе смеат да поседуваат до 25 грама марихуана и да одгледуваат најмногу три стебла дома. Од 1 јули, некомерцијалните клубови за канабис ќе можат да снабдуваат до 500 членови со најмногу 50 грама марихуана месечно.

Борбата вредеше. Ве молам, користете ја новата опција одговорно. Се надеваме дека ова е почеток на крајот на црниот пазар“, изјави германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.

До последен момент имаше разговори за можно одложување на законот за половина година зашто сојузните покраини стравуваа дека нивните судови ќе бидат преплавени со случаите за амнестија. Новиот закон предвидува десетици илјади стари случаи поврзани со канабис да бидат ревидирани за краток временски период.

Законодавството за декриминализација е познато како првиот столб во дводелниот план за легализација на марихуаната во Германија. Вториот столб содржи општинска петгодишна пилот-програма за отворање лиценцирани продавници за канабис контролиран од државата.

(Фото: ДПА)