ХОРОТ „ПЕРПЕТУМ ЏЕЗИЛЕ“ НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ЌЕ ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Светски познатиот словенечки хор „Перпетум џезиле“ на концертот на 5 април во Филхармонијата во Скопје ќе го промовира новиот албум „Мириса како“ (Smells Like). На новиот албум има песни од „Квин“, Елвис Присли и други поп и рок ѕвезди.

Хорот, кој пее обработки на светски познати хитови, го нарекуваат и вокален оркестар затоа што членовите со своите гласови успешно имитираат инструменти и звуци од природата. Во Скопје ќе настапи во полн состав, со сите 40 членови, а ќе се пеат хитови од различни жанрови: џез, поп, свинг, рок, боса нова, самба, госпел.

„Богатиот концертен репертоар на ‘Перпетум џезиле’ вклучува уникатни вокални обработки на светски познати уметници како ‘АББА’, ‘Тото‘, Мајкл Џексон, ‘Квин‘, Леди Гага, Дејвис Боуви и други, како и сопствени интерпретации и аранжмани на народни песни. Нивната музика содржи и битбокс, вокални перкусии со сет на тапани, звуци и ритми создадени само со устата. Покрај тоа, пејачите ги користат рацете, стапалата и другите делови од телото за да интерпретираат секакви звуци, како дожд, бура, слетување авиони, потоци, извори, бранови и друго. Вокалниот оркестар пее на различни јазици: англиски, португалски, шпански, италијански, германски“, велат организаторите на концертот „Мјузик тајм“.

Хорот постои од 1983, а денес има 90 милиони прегледи на Јутјуб. Песната „Африка“ е со над 22 милиони прегледи.