ПО ТРИУМФОТ СО „КУТРИТЕ“, ЈОРГОС ЛАНТИМОС СНИМИ НОВ ФИЛМ СО ЕМА СТОУН

Лос Анџелес, (Вараети)

Набргу по големиот триумф со „Кутрите“ (Poor Things), оскаровката Ема Стоун и режисерот Јоргос Лантимос ја најавија својата следна соработка, вкупно трета досега. Студиото „Срчлајт“ објави трејлер за новиот филм на Лантимос насловен „Kinds of Kindness“, кој ќе излезе на 21 јуни.

Покрај Стоун, во филмот играат уште двајца актери од „Кутрите“, Вилем Дефо и Маргарет Квали, како и Хонг Чау, Џо Алвин и Џеси Племонс.

Лантимос го напиша сценариото за „Kinds of Kindness“ заедно со својот редовен соработник Ефтимис Филипу.

„Ова е триделна басна која следи човек кој се обидува да ја преземе контролата врз сопствениот живот, полицаец вознемирен од враќањето на неговата исчезната сопруга и жена решена да најде некого со посебна способност кој е предодреден да стане голем духовен водач“, стои во најавата на филмот.

Стоун и Лантимос претходно соработуваа и во „Миленичка“, кој имаше десет номинации за Оскар.