ХИТ-СЕРИЈАТА „ПРОБЛЕМ СО ТРИ ТЕЛА“ Е ИНСПИРИРАНА ОД ВИСТИНСКА ЗАГАТКА ВО АСТРОНОМИЈАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Новата хит-серија на „Нетфликс“, „Проблем со три тела“ (3 Body Problem), заснована врз романи на кинескиот автор Лиу Цишин, е инспирирана од вистинска научна загатка во астрономијата и математиката. Таа опишува зошто често е тешко да се предвиди долгорочната траекторија на планетите, месечините и ѕвездите.

Проблем со три тела“ е првата книга од научно-фантастичната трилогија на Лиу Цишин „Remembrance of Earth’s Past“. ТВ-серијата следи петмина научници кои студирале кај ист професор на Универзитетот Оксфорд и потоа секој тргнал по свој пат. Тие одново се поврзуваат откако нашата планета ќе се соочи со закана од вонземската раса Сан-Ти Рен, која се движи кон Земјата со цел да ја колонизира, а во меѓувреме се обидува да го успори брзиот технолошки напредок на луѓето.

Но, зошто овие вонземјани толку сакаат да ја преземат нашата планета? Тука доаѓа проблемот со три тела.

Телата во овој контекст се однесуваат на планети, месечини, сонца или кој било друг масивен астрономски објект. Матичната планета на вонземјаните се наоѓа во сончев систем со три сонца. Ваков систем може да биде многу нестабилен, што ги отежнува условите за живот. Ние имаме само едно Сонце, така што иднината на Земјата е релативно предвидлива, барем за следните неколку милиони години. Во теорија, тоа ни го овозможува универзалниот закон за гравитација на Исак Њутн објавен во 1687 година, со кој можат да се предвидат позициите на планетите, месечините и кометите во нашиот Сончев систем далеку во иднината.

Сепак, Њутн зборува за проблем со две тела, а во реалноста, нашиот Сончев систем го содржи она што е познато како проблем со н-тела. Таквите проблеми не можат да се решат со традиционални математички техники. Иако Њутновите закони можат да дадат навидум точни предвидувања за идната конфигурација на нашиот Сончев систем, движењата на небесните тела во него се всушност хаотични, бидејќи во реалноста има повеќе од две тела“, вели британскиот математичар Кит Јејтс.

Во ТВ-серијата, трите тела се три релативно масивни сонца, па хаосот е многу поочигледен.