На 11 мај во Филхармонијата од 12 часот ќе се одржи детскиот концерт „Симфонија од дивината“ (Wild Symphony), чиј автор е светски познатиот писател Ден Браун.
Ова е проект базиран врз новата, илустрирана детска книга на Ден Браун, најпродаваниот автор според „Њујорк Тајмс“, кој се прослави со романите „Кодот на Да Винчи“ и „Ангели и демони“. Американскиот писател ја напиша и музиката за симфониски оркестар која е инспирирана токму од детската книга.
„Симфонија од дивината“ е богато илустрирана сликовница, придружена со музичка свита за симфониски оркестар. Во сликовницата се прикажани дваесетина животни и секое од нив има свој засебен став во оркестарската партитура. Овој начин на создавање на музика е инспирација од познатата музичка свита „Карневал на животните“ од Камиј Сен-Санс.
„Мојата намера со создавањето на оваа симфониска свита е да се обезбеди нова забавна можност за семејствата, родителите, за децата и за луѓето од сите возрасти, повторно да се поврзат со магијата на класичната музика“, рекол авторот Ден Браун.
Концертот „Симфонија од дивината“ ќе биде изведен од оркестарот на Филхармонијата со кој ќе диригира маестро Иван Еминовиќ. Наратор е актерот Мартин Јордановски кој најмладата публика го знае од претходните концерти за деца во Филхармонијата.