РИЧИ САМБОРА СИ ЗАМИНА СРЕДЕ ТУРНЕЈА СО 80 РАСПРОДАДЕНИ КОНЦЕРТИ, НО НЕМАМ ПРОБЛЕМ СО НЕГО, РЕЧЕ ЏОН БОН ЏОВИ ЗА ДОКУМЕНТАРНАТА СЕРИЈА ЗА БЕНДОТ

САД, (Си-Ен-Ен)

На 26 април излегува првата епизода од документарецот за американската рок група „Бон Џови“, насловен „Благодарам, добра ноќ“, во продукција на „Дизни“. Во фокусот е и ненадејното заминување на гитаристот Ричи Самбора од бендот, но фронтменот Џон Бон Џови вели дека нема проблеми со него. Всушност, тие заедно ја гледале серијата.

„Само да бидам јасен поради историјата, никогаш немаше никаква борба. Никогаш не беше отпуштен. За жал, имаше некои проблеми со кои требаше да се справи и избра да не се врати. Ние бевме буквално на пат, Самбора ненадејно ја напушти турнејата во Калгари во 2013, кога имавме 80 распродадени концерти и возот продолжи да се тркала. Тој на крајот избра дека веќе не сака да настапува со нас и се откажа“, рече Џон Бон Џови за Самбора.

Самбора никогаш не беше отпуштен од бендот, вели Џон Бон Џови (Фото: Гети)

Самбора учествува во документарната серија која зборува за 40-годишната историја на познатиот рок бенд од Њу Џерси.

„Дали ја кажуваме вистината? Ќе лажеме? Што ќе правиме?“, вели Самбора во трејлерот.

Подоцна им се извинува на обожавателите и на неговите колеги од бендот што заминал, иако јасно кажува дека тоа бил неопходен избор. Неговиот доктор објаснува дека Самбора дотогаш не бил на рехабилитација.

„Плус, неговата поранешна сопруга Хедер Локлир имаше проблеми со менталното здравје, а тој ѝ беше потребен на нивната ќерка Ава“, вели докторот.

Бендот се обедини кога беше примен во Рокенрол куќата на славните во 2018.