РОМАРИО ПОВТОРНО ТРЕНИРА И ЌЕ ИГРА ФУДБАЛ НА 58 ГОДИНИ

Бразил, (АП)

Фудбалскиот великан Ромарио од вчера повторно тренира откако беше регистриран како играч на бразилскиот второлигаш Америка, каде што е и претседател. Педесет и осумгодишниот Ромарио одлучи да се врати на зелените терени 16 години откако се пензионираше, со цел да му помогне на клубот во втората лига на државното првенство на Рио.

Во екипата е и неговиот син Ромарињо.

„Мојата најголема желба е да можам да играм заедно со син ми. Многумина спортисти ја имаат таа желба. Леброн Џејмс сака да игра со неговиот син во НБА лигата следната сезона, Ривалдо ја имаше таа можност, сакам и јас“, изјави Ромарио.

Тој стана претседател на Америка минатата година, во обид клубот да се врати во бразилската фудбалска елита. Америка го игра првиот меч од новата сезона на 18 мај.

„Ако има пенал, претседателот ќе бара да го шутира. Ако тренерот одбие, ќе добие отказ“, се пошегува Ромарио, кој беше светски првак со Бразил во 1994 и постигна над 700 голови во кариерата.