ТИ БЛАГОДАРАМ ШТО МЕ НАПРАВИ ПОДОБРА ВО МОЈОТ ЗАНАЕТ, МУ РЕЧЕ НИКОЛ КИДМАН НА СОПРУГОТ ОТКАКО ДОБИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

САД, (Би-Би-Си)

Никол Кидман изјави дека е привилегија да се снимаат филмови откако беше почестена со награда за животно дело од Американскиот филмски институт. Кидман (56) е првата австралиска актерка на која ѝ е доделена оваа награда.

Примајќи ја наградата во златен фустан на „Баленсијага“, Кидман им се заблагодари на сите режисери со кои соработувала.

„Привилегија е да се снимаат филмови. И добро е што снимав филмови со овие автори кои ми дозволија да дивеам, да бидам слободна и да ги играм сите тие неконвенционални жени“, рече таа.

Меѓу присутните беше и нејзиниот сопруг, пејачот Кит Урбан. За време на церемонијата, Кидман се расплака кога Урбан рече дека „му покажала како навистина изгледа љубов на дело кога неговите проблеми со користење супстанции се појавија веднаш откако се венчаа во 2006“. Нивните две ќерки тинејџерки ѝ се придружија на црвениот тепих за првпат.

„Ти благодарам што ме направи подобра во мојот занает“, му кажа Кидман на сопругот.

Кидман го направи својот пробив во Холивуд заедно со Том Круз во 1990 и се омажи за него истата година. Се разведоа во 2001 и потоа стана ѕвезда. Кидман ја доби својата прва номинација за Оскар за „Мулен Руж“ во 2001, пред да го освои Оскарот за најдобра актерка за „Часовите“ во 2003.