ПЕЈАЧКАТА ТАЈЛА НОСЕШЕ ФУСТАН ОД ПЕСОК НА МЕТ ГАЛА

Њујорк, (Вог)

Дваесет и двегодишната пејачка од Јужна Африка, Тајла, носеше фустан од песок на Мет гала во Њујорк.

За еден од најексклузивните настани во шоу-бизнисот, Тајла одбра креација на Оливие Рустинг, креативниот директор на модната куќа „Балмен“. Годинава темата беше „Градината на времето“, инспирирана од дистопискиот расказ на Џ. Џ. Балард од 1962.

„Инспирацијата зад оваа креација произлезе од желбата да се редефинираат границите и да се трансформира минлив материјал во вечно ремек-дело. Идејата да извајам облека од нешто минливо како песок ја разгоре мојата фантазија и не можев да бидам посреќен со крајниот резултат. Тајла е идеалниот модел за овој фустан“, изјави Рустинг за „Вог“.

Фустанот без прерамки беше изработен со три бои на песок, измешан со микрокристали. Тајла го дополни својот изглед со песочен часовник, а бидејќи не можеше да се движи, околу неа имаше екипа мажи кои ја креваа и качуваа по скалите.

Фото: Гети