ИНСПИРАЦИЈАТА ЗА ЛИКОТ НА МАРТА ВО СЕРИЈАТА „БЕБЕ ИРВАС“ НЕГИРАШЕ ДЕКА Е ДЕМНАЧ И КАЖА ДЕКА ДОБИВА СМРТНИ ЗАКАНИ

Лондон, (Гардијан)

Жената која послужила како инспирација за ликот на Марта во хит-серијата „Бебе ирвас“ (Baby Reindeer) гостуваше кај британскиот водител Пирс Морган и притоа кажа дека добива смртни закани и негираше дека е демнач.

Во автобиографската црна комедија на „Нетфликс“, за која сценариото го напиша главниот актер Ричард Гад, неговиот лик Дени е следен и вознемируван од жена по име Марта откако ја чести шолја чај во пабот во кој што работи. Педесет и осумгодишната Фиона Харви ја опиша приказната на Гад како фикција и хипербола.

„Луѓе ме следеа и прогонуваа на интернет и ми упатуваа смртни закани“, кажа Харви.

Фиона Харви, која вели дека не ја гледала серијата, кажа дека пет-шест пати го сретнала Ричард Гад

Таа негираше бројни настани прикажани во серијата, како дека го демнела Гад, ја нападнала девојка му, му се нафрлала, седела пред неговата куќа и дека ги контактирала неговите родители. Исто така негираше дека му испратила 41.000 мејлови, стотици гласовни пораки и 106 писма, тврдејќи дека станува збор само за неколку мејла, едно писмо по пошта и 18 пораки на социјалната мрежа Икс.

Харви, која вели дека не ја гледала серијата, кажа дека само пет-шест пати го сретнала Гад во паб во Лондон и еднаш се пошегувала со него дека ја потсетува на играчката бебе ирвас што ја имала како дете, од што произлезе насловот на серијата. Тврди дека не била пријателка со Гад и се познавале само два-три месеци.

Харви, која студирала право во Шкотска, негираше дека била во затвор за демнење и додаде дека размислува да го тужи „Нетфликс“.