Со промоцијата на книгата „Коњски житија“ на поетот, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, која ќе се одржи утре (16 мај) од 19 часот во „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје, ќе почне првото издание на „Видик“, новиот фестивал за литература и општа култура.
Фестивалот ќе трае до 16 јуни и ќе обедини литература, музика, театар, сликарство, филм и дизајн. Ќе има дваесетина настани во книжарниците на „Литература.мк“ на улица Македонија, во „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Сити мол“. На програмата се промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарски изведби, изложби на слики и илустрации, проекции на документарци и мултимедијални презентации.