БРЕЈКДЕНС – ОД УЛИЧЕН ТАНЦ ВО БРОНКС ДО ОЛИМПИСКИ СПОРТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Претстојната Олимпијада во Париз ќе донесе олимписко деби на брејкденсот, стил на улично танцување што потекнува од Њујорк од 1970-тите. Ова е уште еден обид на олимписките шефови за привлекување нова и млада публика, откако претходно во програмата беа вклучени скејтбординг, спортско качување и возење BMX.

Создаден во Бронкс, брејкденс или брејкинг се карактеризира со акробатски движења, брза работа на нозете и придружба на хип-хоп музика. Земајќи инспирација од различни музички и танцувачки стилови, од латино танци до кунг фу, брејкденсот станал интегрален дел од надворешните собирања кои станале познати како блок забави.

Откако повеќе заедници го прифатиле брејкденсот, танчарите внесле свои наследство и талент, формирајќи екипи кои се соочувале едни со други во танцови битки. Меѓународната Битка на годината беше создадена во 1990 година и е прифатена како прво големо натпреварување во брејкденс.

По успешното претставување на Младинските игри во Буенос Аирес во 2018, брејкденсот беше избран како нов спорт на Олимписките игри во Париз.

Ова се некои клучни термини на брејкденсот:

  • Битка: дуел на двајца соло танчари или на две екипи
  • Б-момчиња и Б-девојки: оние кои го практикуваат брејкденсот
  • Cypher: кругот што го формираат танчарите и во кој што танцуваат
  • Throw down: моментот кога се излегува на подиумот и почнува да се танцува

На ОИ во Париз, танчарите ќе земат учество во битки еден на ден, кои ќе се состојат од три излегувања на подиум од по 60 секунди. Притоа диџеј ќе пушта музика, ќе има домаќин со микрофон, а петмина судии ќе гласаат на крајот на секоја битка. Натпреварувањето ќе трае два дена и ќе се одржува на плоштадот Конкорд, а за златен медел ќе се борат 16 мажи и 16 жени.