Планинарскиот дом „Копанки“ и детското одморалиште на Пелистер ќе бидат готови, односно изградени и реновирани до 2134 година кога Битола ќе биде домаќин на Евровизија, па гостите ќе можат да се сместат таму, се пошегуваа водителите на шоуто „Глумците пеат“, Горан Ников и Миланка Рашиќ, со кое вчера беше отворен Фестивалот на монодрама во Битола.
Водителите прво предложија гостите од други држави да се сместат по куќи зашто Битола нема поголем хотелски комплекс, а потоа се пошегуваа дека генијално би било да бидат на Пелистер. „Копанки“ изгоре пред 11 години и не е обновен, а детското одморалиште е надвор од употреба и се распаѓа.
Публиката која ја наполни салата во Центарот за култура до последното столче имаше можност да чуе некои од најпознатите евровизиски песни во изведба на македонски актери. Шоуто „Глумците пеат“ е во режија на Дејан Пројковски, глумците пееја во придружба на биг бенд со кој диригираше Љупчо Мирковски, а аранжманите беа на Бобан Мирковски.
Ова е 25. издание на Фестивалот на монодрама. Маја Андоновска-Илијевски рече дека кога пред шест години станала директорка на Центарот за култура фестивалот бил оставен без буџет, но не само што продолжи, туку и ги полни салите со публика.
„Нашето мото е ‘Слободата живее тука’, што е директна асоцијација дека уметниците се во константна трка по таа слобода, а ја наоѓаат на сцените каде творат“, рече Андоновска-Илијевски.
Фестивалот ќе трае до 31 мај, а во официјална конкуренција се 10 монодрами од Македонија, Бугарија, Грција, Ерменија, Казахстан и Хрватска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА