Претставата „Мац, мац!“ во режија и кореографија на Филип Петковски и ко-продукција на Пресврт, Театар “Џинот” Велес и Гете Институтот ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на овогодинешниот Интернационален театарски фестивал во Приштина.
Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа театри од Сараево, Приштина, Тирана и Подгорица. Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка) додели четири награди: за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава. Награди за најдобра претстава беа доделени и од публиката, како и од жирито составено од новинари. За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, а за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.
Во рамките на фестивалот, режисерот одржа и работилница по пост-драмски театар пред група на млади актери и студенти по актерска игра од Косово на кои им ја демонстрираше Вјупоинтс техниката по која е работена претставата. Претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември, кој е од натпреварувачки карактер.