ОТВОРИЛ КАНАБИС ХОТЕЛ И ЗА ЕДНА ГОДИНА ЗАРАБОТИЛ МИЛИОН ДОЛАРИ

Денвер, (Индипендент)

Џоел Шнајдер, поранешен обвинител, одлучил да влезе во бизнисот со канабис откако неговите деца дипломирале во 2014 година, но притоа не сакал да одгледува или продава.

Две години подоцна, тој веќе заработил еден милион долари, откако го отворил првиот хотел во САД во којшто слободно може да се пуши марихуана. Гости на возраст од 21 до 80 години сега доаѓаат во „Бад+брекфаст“ (Трева+појадок) во Денвер, Колорадо, за да пушат легално и да се дружат со луѓе со слободен дух.

Хотелот не смее да продава канабис, но нуди приватен простор во кој може слободно да се пуши

„Она што се случува кај нас го нема на ниедно друго место“, вели Шнајдер.

Рекреативно користење марихуана е легално во Колорадо од 2012 година, но тоа, сепак, не смее да се прави на јавни места, па така и во повеќето хотели.

Хотелот на Шнајдер има шест спални и е сместен во куќа со викторијански изглед. Цените се движат од 299 до 399 долари за ноќ и во тоа е вклучен појадок, кој се сервира со одредено количество марихуана.

Хотелот има стриктно правило „секој си носи своја марихуана“. Тој нема дозвола да продава, но нуди приватен простор кадешто може да се консумира. Тука е и бар, добро опремен со реквизити за пушење.

„Луѓе кои доаѓаат овдека им пренесуваат на свои пријатели во стилот ‘нема да верувате што сум правел во последните три дена‘“, вели Шнајдер.