НАЈСТАРАТА УМЕТНОСТ НА СВЕТОТ Е ДЕЛО НА НЕАНДЕРТАЛЦИТЕ

Мадрид, (Си-Ен-Ен)

Најновите докази откриваат дека најстарата уметност на светот е дело на неандерталци, кои дури носеле морски школки како накит.

Двата типа на однесување сугерираат дека тие размислувале симболички и дека имале уметнички сензибилитет, исто како модерните луѓе, објави магазинот „Наука“.

„Ова, без сомнение, покажува дека неандерталците размислувале и се однесувале исто како модерните луѓе. Веќе не треба да гледаме на нив како на посебен вид, тие биле луѓе на други места“, вели професорот по археолошки науки и коавтор на студијата, Алистер Пајк.

Отпечатоците од рацете биле клучни да се докаже дека цртежите датираат од времето на неандерталците

Долго време се сметало дека пештерските цртежи и артефакти, како осликани школки, биле дела на рани луѓе, за кои се верувало дека имале поразвиени когнитивни способности од неандерталците. Сѐ досега.

Техниката на утврдување време наречена ураниум-ториум е попрецизна и може да отиде подалеку во минатото од некои други методи. Таа била применета врз цртежите во пештерите Ла Пасиеха, Малтравиесо и Ардалес во Шпанија, чија старост никогаш не била најпрецизно утврдена. Тие, меѓу другото, содржат отпечатоци од раце, кои се особено значајни, бидејќи ја откриваат големината на рацете на неандерталците.

Така е утврдено дека тие се стари повеќе од 64.000 години, 20.000 години порано од појавата на првите модерни луѓе во денешна Европа.

Школките пронајдени во пештерата Куева де лос Авионес во Шпанија се уникатни, затоа што се осликани со жолт и црвен пигмент и нивната старост е проценета на 115.000 години, што е постаро од школките пронајдени во Африка кои им се припишуваат на модерните луѓе.

„Не ја исклучуваме можноста оваа уметност да е направена од преднеандерталската популација, но тоа е веќе проект за иднината“, вели Пајк.