Дваесет и третото издание на Офф-фест носи осум концерти и два документарни филма. Фестивалот на музика од светот ќе се одржува од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет (НОБ), Младинскиот културен центар (МКЦ) и Кинотека на Македонија.
„Фестивалот има еден базичен концепт кој не се менува, а тоа е да биде фестивал на големи ѕвезди на светската музика“, вели Оливер Белопета од Скопскиот џез фестивал (СЏФ).
Додаде дека Офф-фест има традиција секоја година да претставува една македонска група, а годинава тоа е неофолк бендот „Калата“.
Учесниците оваа година доаѓаат од Нигер, Јужна Африка, Холандија, Етиопија, Франција, Шпанија, Полска, Македонија и Србија.
Фестивалот го отвора блузерот од Нигер, Бомбино, еден од најзначајните претставници на прославениот „пустински блуз“, и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс.
За време на Офф-фест ќе се прикаже и документарен филм за Бомбино, додека вториот биографски филм на репертоарот е за славната пејачка Сезарија Евора.
Фото: Јужноафриканските ѕвезди BCUC