Африка е во фокусот на јубилејното, 25. издание на Офф-фест, што се отвора вечерва (3 јуни) и ќе трае до 6 јуни. Првите три вечери се во Националната опера и балет, а последната во Младинскиот културен центар.
На програмата се музичари од Мали, Гвинеја, Јужна Африка, Норвешка, Шпанија, Италија, Бенин, Конго, Мозамбик и Танзанија, а од Македонија ќе настапи дуото „Добрила и Дориан“.
Годинашниот фестивал се отвора во 20 часот со триото „Гитари баро“, составен од музичари од Мали и Гвинеја (фото). Покрај двете гитари, во бендот е и виртуозот на балафон, Ласана Дијабате.
„Со само три инструменти, две гитари и еден балафон, тие создаваат цел универзум од звуци, раскажувајќи илјадници приказни и продолжувајќи ја вековната традиција на западноафриканските гриоти – поети, музичари и чувари на историјата“, велат од Офф-фест.
Од 22 часот е настапот на јужноафриканската група „БЦУЦ“, која во својата музика комбинира психоделија, хип-хоп и панк-рок. Тие се враќаат на Офф-фест по две години за да го промовираат својот нов, петти албум.