Бендови од Полска, Македонија и Србија ќе настапат на четвртата и последна вечер на 23. издание на Офф-фест. Целата програма ќе се одвива во Младински културен центар.
Од 20 часот настапува полскиот гудачки квинтет „Волоси“, чиј звук е под силно влијание на етно, рок, џез, амбиент и филмска музика.
Македонскиот неофолк бенд „Калата“ (фото) ќе ја преземе сцената во 21:15 часот. Основана во 2018, групата ја сочинуваат Минела Богдановиќ (вокал), Марија Илиевска (вокал), Кирил Кузманов (саксофон), Александар Бошков (гитара), Симеон Ангеловски (бас гитара) и Дамјан Грујо (тапани) и нивната музика претставува спој на западната и источната култура, со посебен акцент на традиционалната македонска музика.
Фестивалот се затвора со концертот на српската група „Нејкед“ (22:30 часот), која за 18 години постоење има снимено пет албуми. Специјален гостин ќе биде македонскиот саксофонист Петар Христов.
„Стилот на бендот е комплексен, непосреден, еклектичен, со елементи од балканските традиции, со медитерански, африкански и источноевропски примеси, во синергија со контурите на џез, фанк, рок, слободна музика и импровизација“, велат од Офф-фест.