Претставата „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ премиерно ќе се изведе денеска (11 мај) во Народниот театар во Штип. Текстот е на Ана Ристоска-Трпеноска, работен е по мотиви од истоимената кратка драмска форма на современиот англиски драматург Данкан Мекмилан.
Екипата најавува дека станува збор за приказна за љубовта и загубата на најблиските луѓе која го отвора прашањето за нарушено здравје, но истовремено зборува за надежта што го води човечкиот живот секогаш напред.
Во оваа новосоздадена драма, главниот лик низ сеќавања го реконструира и оживува минатото како топла семејна приказна која балансира помеѓу сите работи кои го прават животот тежок, но и сите прекрасни нешта за кои вреди да се живее.
„Подигнувањето на свеста за ментално здравје е од суштинско значење во современиот живот и е исклучително важна општествена тема со која треба да се занимаваат театарот и воопшто уметноста денес“, вели Ристоска-Трпеноска.
Во претставата играат Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Стефанија Митовска, Милорад Ангелов, Марија Минчева-Андонов, Даријан Петров, Анѓелка Нашкова и Ава Хусеини, а музиката ја изведуваат Јована Гркова на клавир и Максим Нисев на виолончело. Сценографијата е на Васил Ристов, костимите на Моника Гачева, а изборот на музика на Витошевиќ.
Т. ЈОВАНОВСКИ