Композиторот Григор Копров вели дека не ги памети сите песни што ги компонирал и сосема заборавил дека „Прости ми“, која Маја Оџаклиевска ја испеа на Скопскиот фестивал во 1996, е негова песна.
„Прости ми“ е една од песните кои ќе се пеат на концертот „Најдоброто од Копров“, што ќе се одржи на 4 јули од 20:30 часот во Операта во рамките на Скопско лето. Како главен солист настапува Ана Петановска со камерен оркестар и со бенд, а гости се Наде Талевска и Владо Јаневски.
На прес-конференцијата со која се најави Скопско лето, програмскиот координатор на концертот, музичарот Горан Наумовски, рече дека по желба на Копров, Владо Јаневски ќе биде специјален гостин.
„Кога Горан Наумовски ми ја пушти песната ‘Прости ми’, која тој ќе ја пее на концертот, јас сосема имав заборавено дека е тоа моја песна. Потоа ми се врати сеќавањето. Ако ме прашате за точна бројка колку песни сум напишал, не знам да кажам. Драго ми е што се одржува овој концерт, што ќе пее една толку талентирана пејачка како Ана Петановска, со која сега интензивно работам и што ќе пее Владо, со кого имаме богата историја, но и Наде Талевска. И со неа имав убава соработка“, ни рече Копров.
Композиторот вели дека репертоарот за концертот го правеле заеднички со Наумовски и дека ќе има доста од неговите стари хитови, како „Лиду ду“, „Остани во мене“, „Црно тиквешко“ и „Сонце во твоите руси коси“, но и нови песни кои сега ги сними Петановска.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ана Петановска е главен вокал на концертот