ГОРДА СУМ ШТО УШТЕ МЕ ВИКААТ ЌЕРКАТА НА ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ, ВЕЛИ ВЕСНА ВУЧИЌ ПРЕД ЈУБИЛЕЈОТ НА ФЕСТИВАЛОТ ЗА НАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПЕСНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ го слави 50-годишниот јубилеј. Настанот кој го носи името на најпознатиот македонски гајдаџија и еден од најплодните собирачи на македонски песни и ора започнува на 3 јули во Прилеп со семинар за изучување на традиционалните инструменти и песни во студентскиот дом „Орде Чопела“. Официјалната прва фестивалска вечер е на 5 јули.

Новинарката Весна Вучиќ, ќерката на Атанасовски и сопруга на музичарот и водител Драган Вучиќ, вели дека е горда што фестивалот го негува споменот на татко ѝ.

Весна Вучиќ (втора од десно) со мајка ѝ Цветанка, татко ѝ Пеце Атанасовски и сестра ѝ Сузана (Фото: приватна архива)

„По заминувањето на татко ми, во 1996 бев назначена за директорка на ФНИП ‘Пеце Атанасовски’. 20-ина години ја извршував таа функција, а во последниве години сум член на Извршниот одбор. Годинава, програмата ќе биде исклучително богата. Во рамките на фестивалот се одржуваат семинар за изучување на традиционални инструменти и песни, симпозиум и промоција на зборникот ‘Фолклорот во минатото и денес’ и промоција на монографијата за јубилејот ‘Непресушен извор за навек’. Првата фестивалска вечер е на 5 јули и, симболично, со 50 гајдаџии и дефиле од споменикот на Пеце Атанасовски во Прилеп до летната сцена ќе го најавиме почетокот на фестивалот“, кажа Весна Вучиќ.

Покрај редовно пријавените учесници, настап ќе има и вокално-инструменталниот состав на „Танец“. На 6 јули, во Спомен-куќата на фестивалот во Долнени, фестивалот ќе потпише меморандум за соработка со КЕЦ „Небрегово“ и манифестацијата „Зборот на Конески“. Вечерта, на Рудина во Долнени ќе се одржат втората фестивалска вечер и доделување на наградите.

Весна Вучиќ вели дека живо се сеќава на основањето на фестивалот пред 50 години.

„Во 1974 конечно се реализираше првиот републички натпревар на гајдаџии ‘Марко Цепенков’ во Долнени. Потоа прерасна во фестивал со меѓународен карактер. Тоа беше сонот на татко ми. Да се негуваат изворните инструменти и песни. Тој беше идеен творец, но идејата беше несебично поддржана од тогашните институции и од поединци, како Живко Фирфов, Илија Лашкоски, Благоја Трајкоси, Гарбески и многу други“, вели Вучиќ и се сеќава на животот со татко ѝ.

Легендарниот гајдаџија Пеце Атанасовски (Фото: Фејсбук)

„Татко ми беше исклучителен и како човек и како родител, сопруг и како професионалец. Тивок, ненаметлив, скромен, вреден. Семејството и фолклорот му беа сѐ. Љубовта кон татковината ја искажуваше преку непрегорната посветеност кон фолклорот и традицијата. Така нѐ воспитуваше и нас, неговите ќерки Весна и Сузана. Не беше строг родител. Велеше: ‘Кавгите и караниците не носат добро, сѐ се решава со разговор‘. Нѐ советуваше да си ја сакаме татковината, да бидеме чесни, посветени на семејството, да си ги гледаме куќата и работата. Реченицата ‘ќерка на Пеце Атанасовски’ ме следеше и ме следи и горда сум што е така. Не само мене, туку целото семејство“, вели Весна Вучиќ.

Се сеќава дека кога го запознала нејзиниот сопруг Драган Вучиќ, кој почина во 2020, дури подоцна дознала дека и тој се занимава со музика. При изборот на партнер, вели, не влијаело тоа што е од музичко семејство. 

„Тоа беше случајно. Инаку, кога почнавме да се забавуваме, излезе на виделина дека татко ми и татко му на Драган, познатиот хармоникаш Милорад Вучиќ, се знаат и соработувале“.

Синот на Весна и Драган Вучиќ, Мартин, е директор на НУ „Танец“, инаку музичар на ударни инструменти.

„Мартин израсна со дедо му, тој му го направи и првото тапанче со кое настапи на фестивалот во Долнени, се разбира, вон конкуренција, беше малечок. Настапуваше и со дедо му. Комплетно е посветен на музиката, и како музичар и како композитор и како пејач. А, неговиот ангажман во ‘Танец’ го потврдува тоа. Горд е што работи со професионалци кои ја негуваат македонската традиција. Секогаш на концертите на ‘Танец’ го набљудувам со каква возбуда го следи настапот на уметниците“, вели Весна Вучиќ за својот син.

Весна Вучиќ со сопругот Драган Вучиќ и со синот Мартин, кој е директор на „Танец“ (Фото: Фејсбук)

Мило ѝ е што татко ѝ, според признанијата и наградите што ги добил кај нас и во светот, бил признат и ценет како музичар, творец и учител на многу генерации, кои ги научил да го сакаат и негуваат нашето изворно творештво.

М. ЏАРОВСКА