Српскиот пејач Милош Јовиќ, попознат како Лео Мартин, за песната „Одисеја“, снимена во 1973, ќе добие награда за безвременска песна на Охрид фест, што ќе се одржи на 30 и 31 август на сцената на Долни Сарај. Мартин, кој има 82 години, ќе биде гостин на фестивалот за да ја прими наградата.
„Сите ме викаат Лео, а сопругата и нејзиното семејство ме викаат Мартин. Единствено мојот покоен пријател, композиторот и диригент Војкан Борисављеевиќ ме викаше со моето вистинско име Милош. Ја сакам вашата земја, бев многупати, а таму живее и мојот син со семејството. Учествував на Скопски фестивал и тоа со забележителен успех. Се сеќавам на песните ‘Да нема разделби’ и ‘Билјана’. Охрид е прекрасен, се радувам што ќе го видам повторно. Еднаш бев на турнеја која траеше една недела“, рече Мартин пред доаѓањето во Охрид.
За својата песна „Одисеја“ вели дека е вонвременска и се радува што ја пеат и стари и млади на разни натпревари.
„За жал, денес музиката повеќе се гледа отколку што се слуша. Почестен сум што ‘Одисеја’ е прогласна за безвременски хит“, рече пејачот.