Музичката програма на фестивалот Охридско лето на 10 август продолжува со концерт на пијанистот Алексеј Ботвинов, виолинистот Себастиан Борен и виолончелистот Патрик Деменга. Тие ќе настапат во рамките на Швајцарската вечер на фестивалот, во црквата Света Софија од 21 часот.
Алексеј Ботвинов е исклучителен пијанист, музички иноватор и продуцент. Тој е еден од најзначајните украински пијанисти и се смета за еден од најдобрите интерпретатори на музиката на Сергеј Рахмањинов. Ботвинов, истовремено е и единствениот пијанист во светот кој на сцена ги има изведено „Голдберг варијации“ на Бах повеќе од 300 пати. Настапувал во повеќе од 46 земји ширум светот, а неговите неодамнешни настапи вклучуваат концерти во салите на Берлинската филхармонија, во „Гевандхаус“ во Лајпциг, „Тонхале“ во Цирих, во салата на филхармонијата во Хамбург, во „Бетовен хаус“ Бон и многу други.
Себастиан Борен е виолинист кој избирајќа најчесто дела од класичната и романтична ера, дела од ХХ век и нови, современи композиции. Во 2022 година Швајцарската фондација на школите за виолина му ја додели наградата „Златно гудало“, а германскиот печат го опишува како „ еден од најсериозните, директни музичари на неговата генерација“.
Виолончелистот Патрик Деменга е роден во 1962, и студирал на конзерваториумите во Берн и во Келн со Борис Пергаменшчиков, и со Харви Шапиро во Њујорк. Деменга редовно настапува на најпознатите фестивали и во музичките центри ширум Европа, Јужна Африка, САД, Јужна Америка, Австралија и Азија.