ЧЕТИРИ ПОЛНИ ЏЕЗ КОНЦЕРТИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Четирите џез вечери на Охридско лето поминаа во знакот на врвни музичари, разновидни музички изрази и полни гледалишта, велат од фестивалот.

Џез-програмата на сцената „Долни Сарај“ ја затвори британскиот бенд „Киото“, кој го сочинуваат наградуваниот пијанист и автор Рохан Хит и Лу Роудс. Нивниот настап донесе музика инспирирана од заедничките искуства и значајни животни теми.

На 15 август настапи Питер Сомуа со својот состав, спојувајќи го звукот на трубата со џез, африкански ритми и современи музички влијанија. Истата вечер, по неговиот концерт, настапија Нубаја Гарсија и нејзиниот состав: Лајл Бартон, Макс Лутерт и Сем Џонс. Тие претставија современ музички израз во кој џезот се преплетува со класична музика, даб, аренби и афро-карипски влијанија.

Националниот џез оркестар (Фото: Охридско лето)

На 14 август Националниот џез оркестар го одржа концертот „Македонски сновиденија“, фузија на македонскиот фолклор и современиот џез. Диригираше Владимир Николов, како специјален гостин настапи и трубачот Питер Сомуа од Гана.

Во рамките на програмата настапија и Дине Донев и „Сторитејлс“, заедно со Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис, со музика инспирирана од балади, приспивни песни, приказни и обредни мотиви од македонското народно поетско наследство.

Џез вечерите на Охридско лето ги отвори македонскиот гитарист и композитор Крсте Роџевски (фото), кој живее и работи во САД. Во црквата „Света Софија“, заедно со Христијан Моневски, Дамјан Палоски, Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски, тој имаше концертната премиера на „Orthodoxia Kai Thanatos“, проект што ги спојува византиското пеење со експерименталниот и слободниот џез.

Директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, вели дека воведувањето на џез програмата е природно проширување на фестивалската понуда и одговор на интересот на публиката за различни музички жанрови.