Новиот албум на музичарот Владимир Четкар „Let Us Be“ на 18 септември ќе биде издаден во Јапонија од дискографската куќа „Пи вајн рекордс“, а потоа ќе се дистрибуира и во други земји.
„Последното ремикс издание на авторска музика на Владимир Четкар веќе две недели котира на високи позиции на повеќе топ-листи на светската музичка платформа ‘Траксорс“, велат од тимот на џез гитаристот.
Ремиксот на песната „Никогаш нема да завршиме“ (We Will Never End) го направи диџејот и продуцент Грег Пакер од Велика Британија, а ја издаде шкотската музичка куќа „Онли гуд вајбс мјузик“. Пакер има направено ремикси на соул, фанк и диско музика на повеќе музичари од Европа.
Четкар неодамна објави спот за новиот сингл „Не ме оставај да чекам“ (Don’t Make Me Wait). Видеото се снимаше на повеќе локации во Охрид и Струга и е во режија на Бојан Симјаноски, а во продукција на „Хермонија“. Четкар е комплетен автор на песната: композитор, аранжер, текстописец, оркестратор, вокал и гитара.