ДОСТА МИ Е ОД СЕРИОЗНИ ДРАМИ – ГЕРИ ОЛДМАН САКА ДА ГЛУМИ ВО КОМЕДИЈА

Лос Анџелес, (АП)

Гери Олдман сака да се повлече од сериозни драми и да глуми во комедии. Педесет и деветгодишниот британски актер во неделата го доби својот прв Оскар за најдобра улога, за ликот на Винстон Черчил во „Најтемниот час“.

„Би сакал да снимам комедија, но никој во Холивуд нема такво мислење за мене. Во овој град луѓето првин мора да те видат како правиш нешто, па после да проценат дали си добар или не. Еднаш снимив комедија, но никогаш не излезе во јавност. А, баш си помислив: oва е мој момент“, вели Олдман во интервјуто за „Сан“.

Тој тврди дека неговата улога на Дракула во филмот „Дракула на Брем Стокер” од 1992 година ја покажува неговата комична страна.

„Тоа беше кич, но мораш да покажеш што знаеш и умееш. Треба само да го погледнете тој филм и да сфатите дека знам и можам да глумам во комедија. Кога работите во театар, ве ставаат во мјузикли, комедии и драми. Тоа е општоприфатен факт дека може да глумите во сите жанрови. Но, на филм, сакаат да ве држат само во една сфера. Можеби, сега ќе се променат работите. Секогаш сте на милост на индустријата“, додаде британскиот актер.