Диригентката со европска кариера Елена Митревска и германската пијанистка со руско потекло Олга Шепс се вечерашни гости на концертот на Македонската филхармонија (20 часот).

Во чест на празникот 8 Март, концертот е насловен „Женски приказни“, а Шепс ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен. На програмата се и увертирата „Леонора бр. 3“ од Бетовен, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.

Митревска е млада, но веќе искусна диригентка, која дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Образованието го продолжи во Виена, на Универзитетот за музика и изведувачки уметности, каде што дипломираше прво на одделот за хорско диригирање, а потоа и на одделот за оркестарско диригирање.

Таа има добиено почесна награда од Универзитетот, како еден од најистакнатите студенти на својата генерација, како и престижната награда „Ервин Ортнер“ во 2014 година за значајни достигнувања во областа на хорското диригирање во Австрија.

Македонското деби како диригент го имаше во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичката младина, на Охридско лето и на Скопско лето. Од 2016 година е ангажирана како хор-мајстор во операта во Овиедо, Шпанија.

Руската пијанистка Олга Шепс почнала да изучува пијано на пет години. Во 1992 година нејзиното семејство се пресели од Москва во Германија и на 16 години стана еден од најмладите студенти на Музичката академија во Келн, дипломирајќи во 2013 година со огромен успех.

Како „Стенвеј“ артист, Шепс денес живее во Келн, настапувајќи на голем број фестивали за класична музика.