ВИСАР ВИШКА СНИМА ТВ-СЕРИЈА СО МАЈКЛ ШИН ВО КЕЈПТАУН

Кејптаун, (Варaети)

Македонскиот актер Висар Вишка деновиве глуми руски командант во ТВ-серија во Кејптаун, Јужна Африка, во продукција на Би-Би-Си.

Според „Вараети“, новата минисерија од шест епизоди „Добри предзнаци“ ја режира Даглас Меккинон, кој ја работеше и популарната британска серија „Шерлок“.

Тенант го игра ѓаволот Кроули, а Шин ангелот Азирафејл

Во „Добри предзнаци“, која ќе се емитува следната година на „Амазон“, главните улоги ги играат познатите глумци Мајкл Шин и Дејвид Тенант, а дел од екипата се уште неколку филмски ѕвезди, како Миранда Ричардсон, сер Дерек Џејкоби и Џон Хем.

Британецот Шин е наградуван театарски и филмски актер, познат по улогите во „Кралицата“, „Полноќ во Париз“ и „Самрак сага“, додека Тенант се прослави со ликот на доктор Ху во легендарната истоимена серија.

Приказната е базирана на романот од 1990 година „Добри предзнаци“, напишан од Тери Пратчет и Нил Гејмен. Шин го игра ангелот Азирафејл, а Тенант е ѓаволот Кроули.

Вишка пред три години глумеше чеченски мафијаш во втората сезона од американската крими-серија „Легенди“, која се емитуваше на „Фокс“, заедно со Шон Бин („Игра на тронови“, „Господар на прстените“).

Во матичниот театар, Вишка глуми во претставата „Силјан Штркот шанца“.