Скопското трио „Мај тир“ (My Tear) го објави вториот студиски албум „Кога не се сакаме“, кој е достапен на Јутјуб и Бендкамп, а наскоро и на сите дигитални платформи. Албумот е заедничко издание на „Корпус деликти“ од Македонија, „ЏаЏаЏа рекордс“ од САД и „Поп депресија“ од Србија.
Бендот е во состав Дени Крстев (вокал и гитара), Кристијан Лафазовски (тапани) и Ненад Трифуновски (бас). Работата на албумот „Кога не се сакаме“ започнала уште пред пандемијата, а песните биле довршени во последните две години во „Студио 1060“ во Скопје. На песната „Истото го сакаш“ гостува Деан Шкартов-Деко од скопската група „Бадмингтонс“.
Групата го издаде првиот албум во 2019. За следниот месец е најавен настап во Скопје, чиј датум дополнително ќе се објави.