ТРАНСФОРМАЦИЈАТА НА КОЛИН ФАРЕЛ ВО ПИНГВИН ТРАЕЛА ПО ТРИ ЧАСА НА ДЕН

Лос Анџелес, (разни извори)

Околу три часа на ден траела трансформацијата на Колин Фарел во ликот на Пингвин за истоимената ТВ-серија на Ејч-Би-О, вели шминкерот Мајк Марино, кој работел на филмови како „Бетмен“, „Џокер“ и „Црниот лебед“. Фарел го игра Пингвин, главен играч во подземјето на Готам, во спиноф серијата за Бетмен, која се прикажува од 19 септември.

„Сè на него е направено рачно, а потоа се обликува и фрла во супермек силиконски материјал. Откако тој ќе се исушеше, ги земавме тие парчиња и секој ден ги лепевме на лицето на Колин Фарел. Секој милиметар од него беше покриен со лепак. Штом ќе стигневме до лицето на Колин, започнува протезата и не можете да видите каде започнува или завршува. Откако тоа беше направено, цртавме со бои. Чистевме секој детаљ, секоја пега, секој крвен сад. Ги лепевме фризурата и веѓите, па тој го облекуваше костимот. Тоа го правевме секој ден, а потребни беа околу 30-40 минути само за да го извадите. Тоа е навистина тежок и предизвикувачки процес кој навистина бара некого со трпение како на Колин и доволно актерска способност и харизма да се пробие низ целата таа силиконска гума и боја“, изјави Марино.

Kога Фарел првпат се погледнал во огледало откако ја ставил маската, повеќе не можел да се препознае.

„Се погледнав и видов нешто што ме гледа што не бев јас“, рече ирскиот актер, додавајќи дека моќната трансформација во Пингвин не се однесува само на неговиот изглед, туку тоа било и психолошка промена.

Марино изјави дека за ликот на Пингвин се инспирирал од повеќе личности, меѓу кои Харви Вајнстин и ликот на Фредо од „Кум“.

(Фото: Ворнер брос)