БИВШИОТ СВЕТСКИ ПРВАК РАФАЕЛ ВАРАН ЈА ЗАВРШИ КАРИЕРАТА НА 31 ГОДИНА

Париз, (Би-Би-Си)

Рафаел Варан, некогашниот дефанзивец на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед кој стана светски првак со Франција, објави дека ја завршил кариерата на 31 година.

Варан ова лето му се придружи на италијанскиот прволигаш Комо како слободен играч, но тешко го повреди коленото на дебито минатиот месец. Тој кажа дека ќе остане во клубот во друга улога.

„Секогаш сум се држел до највисоките стандарди. Сакам да бидам силен, не само да учествувам. Потребна е голема доза храброст за да се слушаат срцето и инстинктите“, напиша Варан на Инстаграм.

Варан одигра само една сезона за Ленс пред да му се придружи на Реал Мадрид во 2011. Таму помина десет години како еден од најдобрите централни бекови на светот, освојувајќи четири титули во Лигата на шампионите и три во шпанското првенство. Во 2021 се пресели во Манчестер јунајтед, но одигра само 95 натпревари зашто се мачеше со повреди.

За репрезентацијата на Франција дебитираше во 2013 и беше дел од тимот кој го освои Светското првенство во 2018 и четири години подоцна стигна до финалето.

(Фото: АФП)