СОЗДАДОВМЕ ОБЛЕКА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ДА СЕ ЧУВСТВУВААТ КОМОТНО, ВЕЛАТ ОД БРЕНДОТ „ЗЕН*“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дизајнерите Гере Трипков, Ена Зафировска-Трајкова и Сара Величковска се автори на колекцијата „ЗЕН*“, која содржи адаптирана гардероба наменета за лица со различен тип на попреченост. Колекцијата беше промовирана во септември во Музејот на современа уметност во Скопје, кога 31 лице со попреченост продефилираа на моднатa ревија, презентирајќи ја првата колекција на брендот „ЗЕН*“.

„Колекцијата е создадена по индивидуална мерка и специфични потреби, поради тоа што истите имаат индивидуални потреби, како од природа на физичка спретност, така и од аспект на безбедност, комодитет и удобност“, вели Трипков.

Фото: Здружение Икуалити

Според Трипков, при креирањето на колекцијата се воделе од индивидуалните потреби на секое лице и работеле непосредно со нив.

„Исто така ги следевме позитивните пракси за создавање колекција која е креирана со конкретна намена, функционалност и дизајн. Искористени се оригинални прототипни решенија и механизми на ‘ЗЕН*’ брендот, каде на лицата со хендикеп им е овозможено полесно и поудобно користење“, ни рече дизајнерот.

Облеката сега е во фаза на доразвивање и создавање финален производ спремен за понуда на светскиот пазар.

Фото: Здружение Икуалити

„Првата колекција ја посветивме и подаривме на лицата од заедницата на лица со попречености од Македонија, благодарение на заокружување на првата фаза од инвестицискиот циклус и развој на компанијата ‘ЗЕН Футурус’ и здружението Икуалити, како нејзин основач и основач на брендот ‘ЗЕН*’. Во наредните 12 месеци ќе биде финализирана колекцијата и ќе биде достапна на интернет страница/продавница за сите заинтересирани“, рече Трипков.

Б. НЕСТОРОСКА

Фото: Здружение Икуалити