ОВАЦИИ И БИС НА МАКЕДОНСКО-ИТАЛИЈАНСКИОТ КОНЦЕРТ НА БАРИТОНОТ НАЧЕВСКИ И ПИЈАНИСТКАТА КОНТИ, КОЈА ЈА СВИРЕШЕ „ЦВЕТОВИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со голем аплауз на бис беа вратени баритонот и професор на Факултетот за музичка уметност Горан Начевски и италијанската пијанистка и диригентка Николета Конти, кои вчера (14 октомври) го одржаа концертот „Вечер на италијанска и македонска музика“ во Музејот на македонската борба како дел од фестивалот Златна лира.

Конти, која соработувала и со Лучано Павароти, свиреше дела од македонски композитори, за кои рече дека многу ѝ се допаднале. На програмата беа „Молитва“ од Скаловски, „Вардаре“ од Прокопиев, „Цветови“ од Цанев и „Марика мома убава“ од Зографски, на која гостуваше младата сопранистка Мила Николовска.

Начевски, кој е еден од нашите најистакнати баритони, во првиот дел од концертот испеа дела од италијанските композитори Бонончини, Белини и Чампи, а за крај остави две импресивни арии, на Родриго од Верди и на Герар од Џордано. Најдраматичен момент на концертот беше кога Начевски ја рецитираше „Цветови“, стиховите на Славко Јаневски, во придружба на Конти.

Таа првпат дојде во Македонија, откако како пијанистка настапувала во целиот свет и диригирала со повеќе европски камерни и симфониски оркестри. Со Начевски имале само три дена да се подготват за концертот, а заедно звучеа како да соработуваат долго. Тој по концертот за неа рече дека одлично ја познава македонската музика.

Николета Конти е родена во Болоња, а студирала пијано, композиција и диригирање на Конзерваториумот „Џузепе Верди“ во Милано и Конзерваториумот за музика „Г. Б. Мартини“ во Болоња. По курсот за диригенти кај Леонард Бернштајн во Рим, станала негов асистент-диригент. Во 2006 ја добила честа Кавалиер на Италијанската Република од тогашниот претседател на Италија, Карло Ацелио Чампи. Таа ја комбинира својата оперска работа со концертната кариера и настапувала со Лучано Павароти, Ренато Брусoн, Лео Нучи и Даниела Деси.

Начевски магистрирал соло пеење и докторирал музичка теорија со специјализација по теорија на композиција на Факултетот за музичка уметност во Прага. Неговиот композиторски опус вклучува изведби како на домашната сцена, така и во повеќе европски земји. Својата вокална кариера ја гради со бројни концертни настапи и како солист на Националната опера и балет.

Тој ја компонираше камерната опера „Помеѓу соништа и летови“, чија премиера беше во Операта во 2018. Од 2007 работи како професор на ФМУ во Скопје. Во 2018 ја доби наградата „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања.

М. ЏАРОВСКА