Од клупски бенд кој изведуваше композиции од само една издавачка куќа „Некст ту сајленс“ стигна до честа да настапи на отворањето на Скопскиот џез фестивал (СЏФ). Скопската петорка утре (17 октомври) од 23 часот ќе одржи концерт во Младински културен центар и очекува да ѝ биде најголем во досегашното постоење.
Тоа истовремено ќе биде концертна промоција на вториот албум на групата насловен „Рух“, објавен неодамна под етикетата на СЏФ.
„Рух значи дух на арапски. Целиот албум го снимивме за четири часа. Всушност, го снимивме за еден час, но решивме да снимаме уште еднаш, па со сите паузи излегоа четири часа. Тоа е научна фантастика не само за џезот, туку и за современата музика воопшто. Утре ќе го свириме во целост и можеби уште нешто од стариот материјал“, вели тапанарот Гоце Наумов.
Групата ја погоди голема трагедија во декември 2021, кога почина трубачот Александар Николовски, чие меланхолично свирење ѝ беше еден од заштитните знаци. Место да го замени со друг трубач, групата одлучи малку да го промени својот звук и го доведе саксофонистот Кирил Кузманов.
„Гитаристот Ади Имери и порано повремено настапуваше со нас, а Кире одлично ни ги облагороди музиката и албумот. Новиот албум е повеќе енергичен, а помалку меланхоличен од претходниот. Така добивме една убава комбинација на енергичност и меланхоличност“, кажа Наумов.
Г. КОНЕВ
Фото: М. Аргакијева